Banyule Logo
Text Size:

македонски

Општина Банјул е дом за околу 125.000 луѓе од речиси 150 различни земји.

Банјул се наоѓа во североисточниот дел на Мелбурн и ги опфаќа следните населби: Белфилд, Брајар Хил, Бандура, Иглмонт, Северен Елтам, Гринзборо, Хајделберг, Хајделберг Хајтс, Западен Хајделберг, Ајванхо, Источен Ајванхо, Лоуер Пленти, Меклауд, Монтморенси, Розана, Сент Хелена, Вјубенк, Вотсонија, Северна Вотсонија и Јаламби.

Банјул е поделен на седум изборни единици. Секоја изборна единица ја претставува лице што се нарекува општински советник (Councillor) и кого го избираат луѓето што живеат во таа изборна единица на општински избори што се одржуваат на секои четири години. За да дознаете повеќе за општинските избори, за тоа во која изборна единица живеете и кој општински советник ве претставува, посетете го нашето место на интернет - www.banyule.vic.gov.au - или јавете ни се на 9490 4222.

Може да му се јавите на вашиот општински советник ако имате некои предлози или ако нешто ве загрижува во врска со прашањата што се однесуваат на вашето подрачје. Контактните поединости на вашиот општински советник ќе ги најдете на нашето место на интернет – www.banyule.vic.gov.au – или ако ни се јавите на 9490 4222.

Општина Банјул им дава голем број услуги на жителите, вклучувајќи собирање на ѓубрето, објекти за забава и разонода во слободното време (на пример, базени, фискултурни сали и спортски терени), како и услуги за помош на децата и семејствата, на постарите луѓе и на луѓето со онеспособеност.

Општината исто така одржува свечености за доделување на државјанство на секои три месеци за жителите на Банјул што стануваат австралиски државјани. Ако сакате да станете австралиски државјанин, може да поднесете барање, јавeте сe во Одделот за доселување и заштита на границата (Department of Immigration and Border Protection) на 131 880 или посетeте го нивното  место на интернет - www.immi.gov.au

Работно време:

Од понеделник до петок, од 8.30 ч. претпладне до 5.00 ч. попладне

Ако сакате повеќе информации а ви треба помош од преведувач, ве молиме јавете се во Телефонската преведувачка служба TIS National на 131 450 и побарајте да ве поврзат со општина Банјул на 9490 4222.

Општината исто така има и специјален телефонски број (машина за пишување по телефон - Telephone Typewriter – TTY) што може да го користат луѓето што не можат добро да зборуваат или слушаат. Бројот е 133 677.

Исто така може да посетите и еден од нашите Општински услужни центри. Тие се наоѓаат на следните адреси:

  • Ајванхо: 275 Upper Heidelberg Road
  • Розана: 72 Turnham Avenue
  • Greensborough: 1 Flintoff Street

Ако имате мачка или куче, мора да ги регистрирате во Општината. Наплаќаме такса за регистрација секоја година за секое куче или мачка што ги имате. Таксата треба да се плати на Општината до 10 април секоја година.

За да го регистрирате вашето животно миленик, треба да пополните формулар и да ни го предадете. Формуларот може да го добиете од некој од нашите Услужни центри, од нашето место на интернет, или ако ни се јавите. Штом ќе го регистрирате вашето куче или мачка, тие ќе носат значка од Општината што ни кажува дека животното ви припаѓа на вас.

На сите нови мачка и кучиња постари од три месеци исто така мора да им се стави микрочип. Тоа е безболен зафат при кој мал чип се вметнува во вратот на животното. Чипот содржи информации со кои миленикот се поврзува со вас, неговиот сопственик. Општината препорачува сите миленици да имаат микрочипови. Имаме редовни денови за ставање микрочипови во втората недела од секој месец во 10 часот препладне во нашиот Услужен центар во Ајванхо, 275 Heidelberg Road Ivanhoe. Во тие денови микрочиповите се ставаат по намалена цена од  $20,00. Задолжително е закажување.

Ако го загубите вашето куче или мачка, јавете ни се. Вашиот миленик има поголема шанса да биде вратен ако има микрочип, ако е регистриран и ако носи значка.

Ако најдете загубено животно миленик, ве молиме јавете се во Општината.

Ако сакате да чувате повеќе од две кучиња или две мачки, треба да се јавите во Општината за да добиете дозвола. Има и други прописи во однос на видот и бројот на животни и птици што можете да ги чувате на вашиот имот. Ве молиме јавете ни се за повеќе информации.

Ако го шетате вашето куче на улица или по тротоарот, тоа мора да биде на поводник и под ваша контрола. Смеете да го пуштите кучето од поводникот во некои паркови, ама не во близина на подрачјата каде што си играат деца или на пешачките патеки. Може да бидете казнети ако не го контролирате вашето куче и ако тоа повреди некого.

Секогаш треба да носите најлонско ќесе за да може да го исчистите изметот на вашето куче од јавните места. Ако не го сторите тоа, може да добиете казна од $200.

Има многу причини поради кои кучињата лаат, како што се осаменоста, здодевноста или недоволно движење.

Ако вашите соседи речат дека вашето куче лае цело време, може ќе треба да го чувате заклучено во куќата кога не сте дома. Ако кучето на вашите соседи ви пречи со своето лаење, најдобро е да поразговарате со нив за тоа што ви пречи.

Најдобро е вашата мачка да ја чувате внатре додека спиете. Ако ја оставите надвор цела ноќ, таа може да настрада на улица или да лови и да убива домородни птици и други диви животни.

Некои луѓе сакаат да чуваат кокошки во дворот за да им несат тие свежи јајца и да ги уништуваат штетниците во градината. Пред да го сторите тоа, мора да поразговарате со Општината затоа што има ограничувања на бројот на кокошки и на типот на кокошарници за нив. Петли не се дозволени и Општината ќе ги отстрани ако ги најде на кој и да било имот во градските населби.

Банјул им нуди бесплатни здравствени услуги за мајки и деца за семејствата што имаат бебиња и деца на возраст од новороденчиња до училишна возраст. Се нудат 10 клучни прегледи според старосната група на детето (Key Ages and Stages - KAS) вклучувајќи првична домашна посета, потоа на возраст од 2, 4 и 8 недели, на 4, 8, 12 и 18 месеци и на 2 и 3 ½ години старост на детето. При секој од овие прегледи имате можност да поразговарате за работите што ве загрижуваат, да зборувате за вашите искуства како родител и за сите начини за подобрување на здравјето, растот и развојот на вашето дете.

Овие служби исто така даваат и натамошна поддршка, помош и упати за луѓето на кои тоа им е потребно.

Службата за здравје на мајките и децата им дава поддршка на семејствата и децата во следните области:

  • Родителство
  • Развој и оценување
  • Унапредување на здравјето
  • Благосостојба и безбедност
  • Социјална поддршка и поврзаност со заедницата
  • Упати
  • Вакцинации
  • Доење
  • Женско здравје
  • Тага и потиштеност (депресија) по породувањето

За да закажете состанок, ве молиме јавете се на 9457 9990 од понеделник до петок, од 9 часот претпладне до 1 часот попладне. Или пак може да закажете преку интернет на www.banyule.vic.gov.au/mch

24-часовна поддршка може да се добие преку Телефонската линија за здравјето на мајките и децата на 13 22 29.

Има многу тешки болести што може да се спречат со вакцинирање. Децата рутински се вакцинираат веднаш по раѓањето и на возраст од шест недели, четири месеци, шест месеци, 18 месеци и 4 години. Може да се примат и натамошни вакцини за деца од средно училиште.

За да дознаете во кое време и на кое место се врши вакцинирање, посетете го местото на интернет на Општината или јавете се во Службата за услуги на клиенти на 9490 4222.

Групите за играње им овозможуваат на децата и на родителите да играат, да учат и да се дружат за ниска цена. Групите за играње во Банјул обично ги раководат родители и здруженија на родители. Јавете се во организацијата Playgroups Victoria на 9388 1599 или посетете го http://www.playgroup.org.au/FindaPlaygroup.aspx за да ги најдете групите за играње во Банјул.

Општина Банјул има и раководи со три центри за целодневно згрижување (Long Day Care) што се наоѓаат во Гринзборо, Западен Хајделберг и Хајделберг Хајтс. Секој од овие центри има програми за образование и згрижување за деца на возраст од новороденчиња до шест години.

Други можности за згрижување на деца се расположиви преку приватни служби и служби со кои управува заедницата. Можностите вклучуваат повремено згрижување (Occasional Care) со кое децата се згрижуваат на пократки временски периоди, на пример, од 9 часот претпладне до 12 часот на пладне, и дневно згрижување во семејства (Family Day Care) кога згрижувањето се врши во приватни домови.

Посетете го http://www.banyule.vic.gov.au/Services/Community-Services/Children/Child-Care за повеќе информации.

Претшколските установи, што се нарекуваат уште и забавишта, нудат образовни програми за деца на возраст од три до пет години. Се очекува сите деца да посетуваат предучилишна програма во годината пред да тргнат на училиште.

Има две можности за посетување на предучилишна програма. Децата може да одат во некое од забавиштата во заедницата што се наоѓаат во населбите низ Банјул. Општина Банјул раководи со две забавишта во заедницата во Западен Хајделберг; тоа се забавиштата Olympic Village Preschool и Audrey Brooks Preschool. Втората можност е да се посетува предучилишна програма во склоп на целодневното згрижување. Во своите центри за целодневно згрижување во Гринзборо, Западен Хајделберг и Хајделберг Хајтс, општината Банјул нуди и вклучува предучилишни програми.

Општина Банјул го раководи целото запишување во претшколските установи во заедницата и ги поканува семејствата да ги запишат децата две години пред да треба тие да почнат да посетуваат забавиште. Запишувањето почнува првиот понеделник во март. Се плаќа мал износ за да го запишете вашето дете, ама запишувањето е бесплатно за лица што имаат картичка за здравствена нега (Health Care Card). За натамошни информации јавете се во општина Банјул на 9490 4222.

Службата за младинци (Youth Service) во Банјул ги цени, вклучува и поттикнува младинците на возраст од 10 до 25 години што живеат, учат, работат или се дружат во заедницата во Банјул. Службата за младинци во Банјул може да помогне со информации, активности, информативни материјали и поддршка за младите луѓе и нивните семејства.

За повеќе информации за нашиот објект за младинска творечка уметност, за програмите за младинци, или за поддршка и упатување, ве молиме посетете го www.bayuleyouth.com или телефонирајте на 9457 9855 за натамошна помош.

Општината обезбедува многубројни објекти за забава и разонода ширум целата своја територија, вклучувајќи библиотеки, базени, клубови за здравје и терен за голф.

Во Банјул има три библиотеки што се наоѓаат во Розана, Ајванхо и Вотсонија, плус подвижна библиотечна служба. Зачленувањето е бесплатно, а може да позајмувате книги,  DVD дискови, видео-ленти и списанија на англиски и на други јазици. Исто така има и компјутери со бесплатен пристап до интернет.

Библиотеките организираат читање на приказни за мали деца и за деца на претшколска возраст, приредби во текот на училишниот распуст и многу други активности. За повеќе информации околу библиотеките во Банјул јавете се во Регионалната библиотека Yarra Plenty Regional Library на 9408 7888 или посетете го www.yprl.vic.gov.au

Општина Банјул управува со два центри за забава и разонода во слободното време. И водениот центар Ivanhoe Aquatic Centre во Ајванхо и Олимпискиот центар за забава и разонода во слободното време Olympic Leisure Centre во Западен Хајделберг имаат фискултурни сали, затворени базени, кади со водена масажа (spa), сауна и јасли, како и голем избор на програми за одржување на телесната кондиција. Во Банјул се наоѓа и центарот за рекреација и одржување на телесна кондиција Macleod YMCA.

На Banyule Netball Stadium, Olympic Leisure Centre и Banksia Basketball Stadium се одржуваат тренинзи и натпревари на нетбол и кошарка за луѓе од најразлични возрасти и способности.

Теренот за голф во Ајванхо нуди висококвалитетни искуства во играњето голф за играчите на голф од сите категории.

Во Банјул има седум Куќи за соседството (Neighbourhood Houses) и Центри за учење што се наоѓаат во Бандура, Гринзборо, Ајванхо, Розана, Вотсонија и Западен Хајделберг.

Куќите за соседството нудат низа разновидни курсеви, вклучувајќи програми за образование, забава и разонода, рекреација, творење и личен развој. Некои Куќи за соседството исто така нудат курсеви по англиски јазик како втор јазик. За повеќе информации стапете во контакт со нас.

Постарите возрасни лица може да се зачленат во групи за дружење и да уживаат во планирани активности во опкружување со поддршка. Обезбеден е превоз до тие групи, а обезбеден е и ручек.

Во Банјул има поголем број пешачки и велосипедски патеки во кои жителите може да уживаат. Ве молиме јавете ни се за поединости за патеките во ваша близина.

Во Банјул има многу паркови, градини и спортски терени. Многу од нив имаат игралишта за деца, површини за правење скара и можности за спортување. За повеќе информации стапете во контакт со нас.

Општинските служби за нега во домот и заедницата ги потпомагаат и поддржуваат изнемоштените постари луѓе што ги исполнуваат условите, луѓето со умерена до тешка онеспособеност, како и нивните негуватели.

Целта на овие услуги е да го подобрат квалитетот на животот така што ќе им помогнат на луѓето да ја одржуваат својата безбедност и самостојност во нивните домови и во заедницата.

Услугите што ги нудиме вклучуваат:

  • Поддршка во домот - помош околу работи како што се чистење со правосмукалка, чистење, пазарување и банкарски работи.
  • Лична поддршка - помош при капење, облекување и друга лична нега.
  • Поддршка за одмена од негата - на негувателите им овозможуваме да се одморат така што се грижиме неколку часа за лицето што го негуваат.

Одржување на имотот - помош околу градинарските работи или поситни поправки во домот.

Нудиме услуга за испорачување на оброци со која ви доставуваме здрави и вкусни оброци во вашиот дом.

Изнемоштените постари возрасни лица може да се приклучат кон групи за дружење и да уживаат во планирани активности во опкружување со поддршка. Може да се обезбеди превоз до тие групи, а обезбеден е и ручек.

За да добијат која и да било од услугите на Општината, можните клиенти треба да се јават во службата My Aged Care за да се регистрираат за добивање помош. За испорака на оброци и за лична нега службата My Aged Care може директно да ги упати клиентите до услугата од Општината. За сите други услуги потребно е клиентите да бидат упатени до Регионалната служба за оценување (Regional Assessment Service) за да им биде извршено сеопфатно оценување.

Има многу тешки болести што може да се спречат со вакцинирање. Општината обезбедува вакцинирање за возрасни лица, вклучувајќи и вакцинирање против грип.

Има поголем број Групи на постари граѓани во Банјул. Некои од тие групи се наменети за луѓе од специфично културно потекло. За повеќе информации за некоја специфична група, стапете во контакт со нас.

Австралиската влада ја отпочна Националната програма за осигурување при онеспособеност (National Disability Insurance Scheme - NDIS), што стана активна во Банјул од јули 2016 г. Оваа нова програма многу ќе го зголеми пристапот до услугите и ќе ги подобри можностите за жителите со трајна онеспосoбеност што се помлади од 65 години.

Во Банјул има поголем број организации што даваат услуги за поддршка за деца и возрасни со онеспособеност во склоп на Програмата NDIS.  Тие услуги вклучуваат обука, застапување, услуги за рано дејствување, згрижување на деца, услуги за вработување и услуги за одмена од негата. За повеќе информации, ве молиме стапете во контакт со нас.

Во Банјул има неколку спортски и рекреативни програми за луѓе со онеспособеност. За повеќе информации стапете во контакт со нас.

Дозволите за паркирање за луѓето со онеспособеност се добиваат од Општината. Ве молиме запомнете дека тие дозволи подлежат на строги услови. Дозволите за паркирање се бесплатни, меѓутоа, за замена на дозволата се плаќа одреден паричен износ. Ако имате онеспособеност и би сакале да поднесете барање за дозвола за паркирање, ве молиме стапете во контакт со нас.

Знаците за паркирање ви кажуваат каде смеете да паркирате и колку долго смеете да ја паркирате вашата кола во одредено подрачје. Не смеете да ја паркирате вашата кола подолго од времето прикажано на знакот. Има прописи за тоа каде смеете да ја запрете или да ја паркирате вашата кола во Банјул и мора да се придржувате кон нив. Ако не се придржувате кон тие прописи, може да бидете казнети.

Не смеете да ја паркирате вашата кола на тревните ленти покрај улицата. Меѓутоа, може да паркирате покрај нив ако има растојание од 3 метри меѓу страната на вашата кола и полната бела линија. Полните бели линии се нацртани на средината на патот. Мора да оставите чисти 3 метри од полна бела линија (од онаа страна на вашето возило што е свртена кон полната бела линија). Ако нема простор од 3 метри, не смеете да паркирате таму. Жолти рабни линии се нацртани на патот од страната на тревникот. Возилата не смеат да се паркираат покрај жолта рабна линија.

Не смеете да паркирате поблизу од еден метар до противпожарен хидрант. Противпожарните хидранти се поставени низ Банјул за да овозможат брз пристап до вода за гасење пожари. Хидрантите обично се поставени на тревниот појас покрај патот и може да бидат сребрени со црвен врв или рамен тркалезен црн пластичен капак на почвата.

Не смеете да ја паркирате колата преку кој и да било дел од пристапен пат или приод за патници. Прекршок е и ако паркирате возило на кој и да било дел од тротоарот.

Кога има знак „Забрането запирање“, не смеете да ја запрете вашата кола од какви и да било причини, дури и ако останете во колата или ако го оставите моторот вклучен.

Зоните за товарање/растоварање ги користат трговските возила за да испорачаат или товарат стока во склоп на својата работа. Не смеете да ја паркирате вашата кола во „Зона за товарање/растоварање“ освен ако сте добиле дозвола за тоа од VicRoads.

Местата за паркирање за луѓе со онеспособеност се означени со знак во облик на инвалидска количка. Тие места за паркирање смеат да ги користат само луѓе со онеспособеност што имаат дозвола што се вика Дозвола од прва категорија (Category 1 Permit). Дозволите за паркирање за онеспособени лица се бесплатни. Ако имате онеспособеност и ви е потребна дозвола, јавете се во Општината.

Не смеете да ја паркирате вашата кола на патот, на тревниот појас, ниту на кое и да било друго јавно место за да ја изложите за продавање. Ако го сторите тоа, може да бидете казнети.

Колите што се расипани или што не се регистрирани во VicRoads не смеат да се оставаат или паркираат на патот ниту на кое и да било друго јавно место. Општината може да ја одвлече вашата кола и ќе треба да платите за да ви ја вратат, а може да бидете и казнети. Не смеете да поправате коли на патот, на тревниот појас или на друго јавно место, зашто може да бидете казнети.

Кога поседувате куќа, мора секоја година на Општината да и плаќате паричен износ што се нарекува општински данок (rates). Општинскиот данок се користи за пружање услуги за заедницата, вклучувајќи собирање на ѓубрето, патишта и тротоари, осветлување на паркови, паркови, градини и објекти за забава и разонода. Во вашата сметка за општински данок секоја година е вклучен и Придонесот за противпожарната служба што го наплаќа Општината од име на Државната даночна служба.

Општината ги користи вредностите на имотите за да пресмета колкав износ на општински данок ќе плаќате. Исто така посебно се наплаќа и ѓубретарина за кантите за ѓубре од 120 литри и кантите за зелен отпад од 240 литри.

Општинскиот данок и другите давачки може да се плаќаат на четири рати. Уплатите треба да се извршат на следните датуми секоја година:

Прва рата – 30 септември

Втора рата – 30 ноември

Трета рата – 28 февруари

Четврта рата – 31 мај

Општината ви нуди многу можности за плаќање на општинскиот данок; ве молиме јавете ни се за да дознаете повеќе.

Ако имате финансиски тешкотии и ви треба помош со план за плаќање, ве молиме јавете се во Општината за да поразговарате за вашата ситуација.

Ако градите нов дом или ако планирате да го проширите вашиот дом, ќе треба да поднесете барање за урбанистичка дозвола (planning permit) и за градежна дозвола (building permit).

Персоналот на општина Банјул со задоволство ќе ви даде информации и совети за да ви помогне околу вашиот градежен проект. Исто така можеме да ви помогнеме да изработите одржлив градежен проект.

Урбанистичка дозвола може да ви е потребна и за да отстраните дрвја.

За да се заштите општата безбедност, мора вашиот имот да го држите чист од опасности од пожар, како што се високата трева или отпадоците. Општината може да ги исчисти опасностите од пожар на ваш трошок.

За да се намали загадувањето на воздухот, не ви е дозволено да користите согорувачи за ѓубре или да палите оган на отворено. Непотребниот материјал треба да го претворите во компост, во деланки (mulch), да го дадете за преработка или да го фрлите во кантата за ѓубре.

Погрижете се внатре во куќата да имате поставено исправни апарати за откривање на пожар, така што, ако има пожар, станарите ќе бидат предупредени од апаратот што ќе се вклучи. Најдобро е да ги менувате батериите на секои 6 месеци; ако го правите тоа кога се менува саатот за летно и зимско мерење на времето, ќе ви биде лесно да запомните.

Косачки за трева може да користите само од 7 часот претпладне до 8 часот попладне од понеделник до петок, и од 9 часот претпладне до 8 часот попладне во викендите и на државни празници.

Дрвјата или грмушките чии гранки се надвиснуваат може да бидат опасни. Ве молиме кастрете ги до меѓата на имотот и/или доволно високо над земјата за да можат луѓето да минуваат под нив.

Општината му дава број на секој имот. Ако сте сопственик или станар на некој имот, мора да се погрижите бројот да биде лесно видлив од улицата. Тоа е важно затоа што така во итен случај полицијата, брзата помош или противпожарната служба ќе можат лесно да ве најдат.

Штедењето на енергијата ќе ви заштеди пари а, што е уште поважно, ќе ги намали гасовите што се штетни за нашата атмосфера. Еве некои лесни начини за штедење на енергија:

  • Гаснете ги светилките и електричните апарати кога не ви се потребни.
  • Користете електрични светилки што штедат струја.
  • Избирајте електрични апарати со добра заштеда на енергија (Energy Rating) и погрижете се да бидат исправно инсталирани.
  • Сушете ги алиштата на јаже место да користите машина за сушење алишта.
  • Користете изолација; затнете ги пукнатините и дупките, затворајте ги вратите.
  • Исклучете го греењето или ладењето кога ќе излезете од куќата.
  • Туширајте се пократко време и користете туш што штеди вода.
  • Перете ги алиштата со студена вода.
  • Користете јавен превоз, возете велосипед или пешачете.

  

Исто така може да се вклучите во Програмата за одржливи домови (Sustainable Homes Program) кога ќе се регистрирате на www.sustainablehomes.vic.gov.au

За повеќе информации околу животната средина и како да се грижите за неа, ве молиме стапете во контакт со нас.

Многу работи што планираме да ги направиме може да влијаат на другите луѓе, па затоа треба да се придржуваме кон одредени постапки за да осигураме дека одлуките што ги донесуваме во врска со користењето и изградбата на земјиштето се праведни, исправни, економични и одржливи. Разгледувањето на барањата за урбанистичка дозвола (Planning Permit) им дава на локалните општини можност да ја оценат погодноста и соодветноста на идната изградба и користење на земјиштето.

Општината спроведува контрола над урбанистичкото планирање и над градењето во согласност со Законот за урбанистичко планирање и животна средина од 1987 г. (Planning and Environment Act 1987) и со Урбанистичкиот план (Planning Scheme) на Банјул, како и со Законот и Прописите за градење (Building Act and Regulations).

Урбанистичкиот план на Банјул се состои од зони, подзони и други одредби што влијаат на тоа дали е потребна урбанистичка дозвола или не.

Општо земено, урбанистички дозволи се потребни за:

  • Промена на намената на вашиот имот (на пример, од дуќан во канцеларија, од кафуле во малопродажен објект)
  • Доградби на станбени имоти
  • Градење на повеќе од едно живеалиште на еден имот (посебни куќи - units)
  • Изградба на трговски, индустриски и мешовити објекти
  • Поднесување барање за дозвола за продажба на алкохол
  • Изградба или истакнување на табли и ознаки
  • Намалување на просторот наменет за паркирање (поради зголемување на животниот простор или на трговските/индустриските површини)
  • Уривање на зграда во подзона што се смета за културно-историско наследство

За отстранувањето на некои растенија може исто така да е потребна дозвола.

Во зависност од урбанистичките прописи што важат за вашиот имот, може да ви биде потребна урбанистичка дозвола за да изведувате „градежни зафати“ на вашиот имот. Во „градежни зафати“ може да спаѓаат потпорни ѕидови, огради, веранди, градење на сеница, поплочување или бетонирање на надворешни површини, па дури и поголеми проекти вклучувајќи копање, поставување на трајно водно тело, големи езерца или базени за пливање. Барањата за менување на начинот на кој е надворешно уредено некое подрачје, а кој бил одобрен со претходно издадена урбанистичка дозвола, исто така треба да бидат одобрени.

Прописите за зоните и подзоните што важат за некое земјиште на територијата на Банјул може да ги дознаете или ако се јавите во Урбанистичкото одделениe (Planning Department) на Општината, или пак ако ги погледнете Урбанистичките карти (Planning Maps) на интернет што ги објавува Одделот за животна средина, земјиште, вода и урбанистичко планирање (Department of Environment, Land, Water and Planning) и во нив ја внесете вашата адреса. Оваа интернет алатка може да ја најдете на:   

http://services.land.vic.gov.au/landchannel/jsp/map/PlanningMapsIntro.jsp

Кога правите проект за изградба на некое земјиште, треба да се разгледаат многубројни стандарди и барања. При изградбата на поединечни куќи во Банјул треба да се земат предвид местоположбата на имотот, видот на соседството (Член 22.02 од Урбанистичкиот план на Банјул), како ќе се вклопува изградбата во Урбанистичкиот план на Банјул (Член 55), зачувувањето на постојниот растителен свет и планираниот начин на надворешно уредување на теренот – Зонски напатствија за садење на дрвја (Tree Planting Zone Guidelines), како и автомобилскиот пристап до местото.

Урбанистичкиот план на Банјул може да го најдете на интернет на Planning Schemes Online.

Кога се разгледува изградбата на повеќе живеалишта на некое земјиште, се препорачува да се подготви анализа на земјиштето. Анализата на земјиштето ќе помогне да се утврдат можностите и ограничувањата на односното земјиште. Потоа таквата анализа многу ќе помогне за да се утврди градежниот потенцијал на кое и да било земјиште. На основа на тоа, ќе може да се утврди дали тоа земјиште е погодно за изградба на повеќе живеалишта и, ако е, тогаш во разговор со општинските службеници за урбанизам (planning officers) ќе се утврди колку живеалишта ќе биде соодветно да се изградат.

Има многу прописи што се однесуваат на заштитата и зачувувањето на растителниот свет во Банјул. Во многу случаи е потребна дозвола за да се отстранат дрвја, во зависност од местоположбата на земјиштето во склоп на општината. За да може да дадете точни информации во врска со отстранувањето или кастрењето на некое дрво, се препорачува да го разгледате дрвото и да подготвите информации за сортата, големината, местоположбата и здравствената состојба на односното дрво пред да се јавите во Општината. Овие информации ќе им помогнат на општинските службеници да утврдат дали е потребна урбанистичка дозвола за отстранување или кастрење на дрвото.

Следниот список може да послужи како водач кога се подготвувате да поднесете барање за урбанистичка дозвола:

  • Пополнет формулар за барање на урбанистичка дозвола - ќе го најдете тука.
  • Плаќање на соодветните такси – ќе ги најдете тука.
  • Фотокопија од имотниот лист (и сите други сродни акти, договори, итн.) не постари од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето за секоја земјишна парцела на која се однесува барањето – најнов примерок од имотниот лист може да извадите преку интернет
  • Извештаи, планови и фотографии, како што е утврдено со соодветниот список за проверка при урбанистичкото планирање.

Овој список не е конечен и, откако ќе го поднесете барањето, може да ви побараат и дополнителни информации.

Општината ги поттикнува лицата што бараат дозволи да се посоветуваат со некој од општинските службеници за урбанизам пред да поднесат барање до Општината. Тоа може да го направат на шалтерот за урбанизам во нашата Канцеларија за услуги на клиентите (Customer Service Office) во Розана во текот на работното време, без претходно закажување, или по телефон.

Постапката за издавање урбанистичка дозвола е сложена и мора да разгледаме низа разновидни правилници и услови што треба да се исполнуваат. Постапката за издавање урбанистичка дозвола се состои од следните фази:

  • Подготвување и поднесување на барање
  • Општината го проверува барањето (може да побара дополнителни информации и упати ако е потребно)
  • Јавно известување/огласување (се остава рок од најмалку 14 дена во кој може да бидат доставени приговори)
  • Состанок за советување со заедницата (ако се процени дека е потребен)
  • Општински службеник подготвува извештај и препорака
  • Се донесува одлуката
  • Одлуката ја преразгледува Викторискиот граѓански и административен трибунал VCAT (ако е потребно)
  • Ова е строго утврдена постапка што е пропишана од државната влада. Низ колку повеќе чекори треба да мине барањето, толку подолго ќе трае разгледувањето.

Времетраењето на постапката може да биде од 6 недели па дури до 12 месеци, во зависност од сложеноста на користењето, потребите од дополнителни информации, известувањето за јавноста, приговорите и постапката за одлучување. Ако во која и да било фаза имате некакви прашања во врска со барањето, ве молиме јавете се кај Општинскиот службеник за урбанизам што го разгледува барањето.

Набргу откако ќе го прими вашето барање, Општината ќе ви прати потврда за прием по електронска пошта во која ќе биде наведено кој општински службеник за урбанизам ќе биде задолжен за постапката, кои се неговите контактни поединости, и под кој број е заведено барањето во Општината.

Повеќето барања за издавање урбанистички дозволи се решаваат од страна на овластени општински службеници за урбанизам преку „пренесување на овластувањата“ (delegated authority). Тоа значи дека повеќето барања нема да се разгледуваат на состанок на Општинскиот совет.

Во некои случаи барањата за издавање урбанистичка дозвола ќе се разгледуваат на состанок на Општинскиот совет. Таков може да биде случајот кога е поднесен приговор против барањето, кога се смета дека некое барање е спротивно на правилниците на Општината, или кога станува збор за барање кое е од голем интерес за заедницата.

Кога некое вакво барање може да нанесе штета на друго лице или објект во тоа подрачје, потребно е за барањето да бидат известени луѓето за кои постои веројатност дека ќе бидат засегнати од него. Секој може да поднесе приговор на барање за издавање урбанистичка дозвола пред да биде донесена одлуката. Ако сакате да поднесете приговор на некое барање, тоа мора да го сторите во писмена форма (печатено, напишано на рака или по електронска пошта), да ги доставите вашите контактни поединости, поединостите за барањето за урбанистичка дозвола, и да назначите како тоа ќе влијае на вас. Приговорите може да се напишат на стандарден формулар за приговори.

Ако сте поднеле приговор на некое барање за издавање урбанистичка дозвола што Општината го одобрила, може да поднесете жалба (барање за преразгледување) на одлуката на Општината. Жалбата мора да ја поднесете до Victorian Civil and Administrative Tribunal (VCAT) (Викториски граѓански и административен трибунал) во рок од 21 ден од денот на донесувањето на одлуката. Ако Општината го одбила барањето, или го одобрила, ама под одредени услови, подносителот на барањето исто така има можност да ја обжали одлуката до VCAT во рок од 60 дена од денот на нејзиното донесување.

Was this page useful?

Type the characters you see in the picture below *